Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски бара договор за предвремени парламентарни избори. Според него, изборите треба да бидат брзи бидејќи актуелната власт нема легитимитет и мотивација да го води решавањето на кризите што се очекуваат. Мицкоски вели дека предвремените избори се подобра опција отколку некаква нова влада преку ново парламентарно мнозинство.

Мицкоски вели дека предвремените избори може да се распишат штом Државната изборна комисија може да ги организира. Вели дека претходно би се формирала Пржинска техничка влада со министри од неговата партија.

Но, СДСМ го отфрли барањето за предвремени избори. Од партијата на Заев велат дека со ова барање на Мицкоски паѓаат во вода, како што велат, невистините тврдења за ново мнозинство.

„СДСМ и владејачката коалиција добија повеќе гласови за советници отколку опозицијата. Парламентарното мнозинство нема да гласа за предвремени парламентарни избори затоа што државата е поважна од бесот на Мицкоски. На граѓаните им е потребна Влада која постигнува резултати, особено во време на пандемија и енергетска криза, Влада која има европски курс на дејствување и која нема да го забави процесот на европска интеграција.“, велат од СДСМ.

Албанската опозиција не се согласува со ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, предвремени избори не може да ги организира Влада во која се наоѓа и ДУИ. Алијанса за Албанците бара да се формира ново мнозинство и да се избере нова Влада која подоцна ќе организира евентуални предвремени избори.

„Не може да има слободни избори со ДУИ на власт. Оваа Влада во последните циклуси докажа дека нема ниту капацитет, ниту подготвеност за слободни, фер и демократски избори. Не можеме да зборуваме за демократија кога целата држава е ставена во служба на владејачките партии, граѓаните се загрозени и уценувани, а гласовите се купуваат и крадат“, велат од Алијанса за Албанците.

Гласините за можно ново мнозинство во Парламентот се зголемија веднаш по локалните избори кои СДСМ ги загуби. Опозициските партии не го коментираат доцнењето во поднесувањето на оставката на Заев, но бараат таа што поскоро да се реализира.