Приведени две лица, запленети оружје и муниција во импровизирана работилница во скопска Топаана
На 02.11.2021 од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи во соодејство со Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Скопје лишени се од слобода А.Ј.(46) и С.Ј.(73), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
Имено, по претходно обезбедена наредба од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје извршен е претрес на дом и помошни простории кај А.Ј., каде била лоцирана импровизирана работилница за изработка и поправка на оружје и муниција, при што биле пронајдени 6 ловни пушки, 3.215 парчиња муниција за огнено оружје, 67 механизми и делови од огнено оружје за пушки, 3 цевки за пушки, 74 делови од разновидно оружје, 9 затварачи за пушки, 22 кутии со разновидни механизми за пиштоли, една дигитална вага за мерење на барут.