Mаксим Димитриевски, старо-новиот градоначалник на Куманово, вели дека на СДСМ му се потребни реформи и во првичните реакции по вчерашната победа на изборите, не негира дека има и партиски амбиции.
-Ниту во еден момент не сум бил против партијата, бев против поединци кои ја имаа узурпирано, а секако кога сте во политика доколку немате амбиции не ни треба да се занимавате со политика, одговори Димитриевски на прашањето дали има партиски амбиции во неговото гостување во Утрински брифинг.
Тој вели дека е член на СДСМ, а неговото исклучување од партијата било еднострано односно желба на поединци.
-Мој приоритет во моментов се кумановчани, проектите и развојот на градот, а во делот на политичките активности јас сум убеден социјалдемократ и мојот пат е во насока на социјалдемократијата. Сметам дека СДСМ била и мора да остане државотворна партија. Верувам дека не очекуваат суштински реформи за да се надмине лукративниот и клиентелистичкиот пристап и да се врати важноста на суштинско одлучување на членот бидејќи граѓаните испратија повеќе пораки на овие избори кои мора да се послушаат, рече Димитриевски.
Тој не сака да ја коментира оставката на Зоран Заев од лидерската позиција, но порачува дека се потребни структурни реформи и уверен е дека СДСМ ќе излезе од криза.