Пишува: Атанас Величков

Премиерот Заев и неговата верна PR дружина си „кладоа“ галактички автогол и пред „кочничарите“ од исток и пред „пријателите“ од запад. Хистеријата околу бугарското државјанство на Данела Арсовска, прво ја докажа дволичноста на Заев, кој додека ја држеше раката на срце во Софија ги убедуваше Бугарите дека му се браќа и второ- ја покажа паниката во редовите на СДСМ заради можноста градот Скопје да не биде веќе во нивни раце. А паниката е огромна штом на неколку дена пред избори, беше пуштена низ вода целата стратегија на државната машина, Бугарија да се прикажува како земја заостаната во 19-тиот век, која и покрај пријателските пораки од РС Македонија, упорно сака да им ги земе нацијата и јазикот на денешните Македонци. Во таа ноторна лага не верува ни Никола Димитров, но тоа не му пречи да ја повторува како недоветен.

Веќе никој нема да им верува на социјалдемократите собрани околу Заев дека се залагаат пријателски односи со Бугарија и Бугарите. Ја пушташ партиската машина на социјалните мрежи да оцрнува противкандидат поддржан од конкурентната партија, затоа што имал бугарско државјанство, потоа ти текнува дека е ксенофобично да велиш дека не бираме кмет, туку градоначалник и пушташ нова гума за џвакање, демек не бил проблемот дека Данела е Бугарка, туку, проблематичен бил фактот дека криела, дека била дволична. Каква вонсериска дволичност, типична за СДСМ а и за некои поранешни „пробугарски“ кругови на ДПМНЕ.

Лагата „Ние ги сакаме Бугарите како браќа, а тие сакаат да нè обезличат“, веќе нема да помине пред никого. Таквиот аматеризам на PR експертите на СДСМ, им дојде како нарачан на главните луѓе во Софија, кои и покрај целата црна кампања водена од Никола Димитров во европските метрополи, сепак покажаа дека одамна се влезени во 21-от век.

СДСМ сака со антибугарска реторика да придобие глас повеќе за својот кандидат за градоначалник на Скопје Петре Шилегов. Ваков пенал нема како да биде промашен од официјална Софија. Тоа е сувиот факт, пред кого ќе замолчат сите другарчиња на Димитров. Бидете сигурни во тоа. Ќе молчат, ќе гледат паметно и ќе ги клатат своите глави, додека Димитров, Османи или дури самиот Заев им објаснуваат дека морале да изиграат на антибугарската карта за да го победат „антиевропското зло“ пресликано во ВМРО-ДПМНЕ. Во предизборна кампања нема недозволени потези ќе речат. Бидејќи нели сè е во интерес на тоа РС Македонија прво да почне преговори со ЕУ, па дури потоа да почне да се европеизира.

СДСМ се врати во времето на другарот Тито Петковски и неговите „бугарски“ летоци, бидејќи според ограничените ресурси на трустот на мозоци распостлан на „Бихаќка“, тоа само ќе му помогне на Шилегов да ја одбрани својата градоначалничка функција. Всичко за победата, како што би рекле „браќата“ на Заев, што тој без трошка срам ги користи како плашила.

Во духот на зацртаната предизборна стратегија, колку и истата да е промашена како пеналот на Роберто Баџо во финалето на светското првенство во фудбал од 1994 г., претседателот на Советот за унапредување и надзор на ревизијата Ване Цветанов преку објава на фејзбук, побрза да обелодени дека неговите родители се чувствувале Бугари, но тој самиот имал македонска национална самосвест. Во својот пост, Ване Цветанов се разбира агитира за Петре Шилегов, но основната цел на неговото „признание“ е да се осигура од напад по „бугарската“ линија. Тој е воспитаник на бугарски универзитет, има голем број пријатели Бугари и овде во РС Македонија и во Бугарија, а и не си дозволил говор на омраза кон Бугарија, посебно во стилот што го негуваат неговите поранешни партиски другари од ВМРО-ДПМНЕ.

Сакајќи да се претпази себе си и секако премиерот Заев од непосакуван контранапад поврзан со некаква бугарштина, Цветанов брза да истакне дека тој самиот е Македонец и покрај бугарската етничка припадност на своите родители. Така несакајќи Цветанов станува жив доказ за тврдењата на бугарскиот претседател Румен Радев, дека во РС Македонија се одвива процес на дебугаризација. Како поинаку би го објасниле феноменот мајка и татко Бугари да создадат Македонец. Системот го создал Македонецот Ване Цветанов, а системот во својот темел освен сè друго е и антибугарски.

Во РС Македонија со години е потребно бугарскиот идентитет да се оправдува. Бугарите, како да треба некому да му се извинат затоа што се родиле во Македонија, живеат тука, се трудат, плаќаат даноци и упорно одбиваат да си заминат.

Кому му се објаснува Македонецот Ване Цветанов? Зарем е толкав грев во РС Македонија да потекнуваш од бугарско семејство? Можеби треба да ја прашаме г-ѓа Ганка Самоиловска Цветанова, внуката на Спиро Китинчев, или пак најдобро е тоа прашање да му го поставиме на фронтменот на антибугарската пропаганда во Брисел, Никола Димитров, чиј татко Димитар Димитров напишал дека најголемото зло за Македонците, било тоа што биле Бугари, а Европа, преку Србија и Грција не им дозволила да продолжат да бидат. Да пркосат!

Ете како Бугарите од РС Македонија ќе ги снема. Системот ќе се погрижи, а истиот ќе биде потпиран од „писарушки“, кои по нарачка ќе пишуваат текстови во кои ќе ги вулгаризираат, барањата на македонските Бугари. Но, доаѓа крајот на евтиниот филм. Ги набљудуваме финалните сцени. За нас најважно е да ги видиме натписите на крајот. Готвачите треба да бидат наведени токму таму. Некои од нив не се живи, но имаат достојни наследници. Сите тие треба да ја добијат својата осуда, а Бугарите во Македонија и нивните деца треба да знаат, дека времето во кое беа потребни оправдувања за нивната етничка припадност, веќе е минато. Тие веќе пркосат и покрај сите препреки.

Извор: Трибуна