Сè уште не е познато дали изборниот совет на избирачкото место 0543 во Дебар ќе биде разрешен, сменет, дали ќе има дополнителна обука или одредени дисциплински мерки. Дилемата останува отворена бидејќи засега нема одговор од ДИК откако Управниот суд ја прифати жалбата на коалицијата Алијанса-Алтернатива за нарушување на процесот на гласање во ова избирачко место. Одлуката на судот значи дека во Дебар в недела нема да има втор круг. Наместо тоа ќе се гласа само во спорното избирачко место. На него има вкупно 777 регистрирани гласачи. Разликата помеѓу гласовите на двајцата главни кандидати за градоначалник е 285 гласови. Кандидатот Беким Поцеста од Алијанса-Алтернатива во првиот круг доби 3.998 гласови, Хекуран Дука од ДУИ 3.713 гласови, а Петрит Клења од ДПА 37.

Албанската опозиција верува дека прегласувањето на ова избирачко место би овозможило нивниот кандидат да победи уште во првиот круг.

Нивната жалба се засноваше на неколку причини; записникот не бил потпишан од мнозинството од изборниот совет, не биле наведени ниту причините за тоа, записникот не бил потпишан ниту од општинската изборна комисија, процесот го водел претходно разрешен претседавач. Албанската опозиција, исто така, верува дека на 172 гласачи им било дозволено да гласаат иако нивните податоци не се совпаѓале со податоците во терминалите за идентификација на отпечатоците. Одговорноста на изборниот совет е сè уште нејасна. Не е познато дали истите лица ќе го спроведат повторениот процес на 31 октомври. Во случај некој од кандидатите да не ги исполни законските услови за да биде избран и при прегласувањето на ова место, Дебар ќе оди на втор круг избори две недели подоцна, односно на 14 ноември.