За средбата со претседателот на Парламентот на Грција, за отворената покана за посета на Тасулас во Скопје и за неговиот одговор, за парламентарните групи за пријателство меѓу двете земји, но и за ратификацијата на трите Меморандуми во грчкиот Парламент, говори претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери за МИА, по средбата со неговиот грчки колега Константинос Тасулас во Атина.

Претседателот на Собранието коментира дека средбата е „во доменот на историска средба“, имајќи предвид дека во претходните три децении „на ниво на Парламенти немало никаква официјална комуникација во смисла на она што е соработка меѓу двата Парламента“.

– Претседателот на Парламентот изрази задоволство од начинот на кој што соработуваме и начинот на кој што настојуваме таа соработка да се продлабочи, а подготвеноста е да ја добиеме сета поддршка, како што впрочем и ја добиваме и во контекст на Европската Унија. И во тој контекст претседателот изрази подготвеност да се вложи себе си во тие напори во Европската Унија за да можат да се отворат пристапните преговори, открива Џафери.

Во изјавата за МИА, вели дека на средбата со неговиот грчки колега, уште еднаш ја повторил отворената покана за Тасулас да оствари официјална посета на нашата земја, додавајќи дека подготвеност од Атина постои, но сè ќе зависи од обврските.

-Секако дека подготвеноста е позитивна. Секако, како што ќе дозволат ангажманот и обврските на Парламентите и тоа ќе биде особена важност претседателот на Парламентот да ја посети Северна Македонија и да има можност и директно да се обрати во Парламентот и да го добие чувството на она што подразбира воспоставувањето односи онака како што ги предвидуваат правилата на дипломатијата и на кореспонденцијата меѓу институциите, рече Џафери.