Додека неколку земји ги релаксираат мерките за борба против пандемијата со ковид-19, голем дел од светот се подготвува за петтиот бран на пандемијата. Поради ниското ниво на вакцинација, пред се во сиромашните земји, пандемијата ќе продолжи во текот на цела 2022 година, предупреди денеска Светската здравствена организација.
Според бројките најтешка е ситуацијата во Источна Европа. Секојдневно се уриваат рекорди во бројот на заразени и на починати. Од денеска во соседна Бугарија е воведен задолжителен зелен сертификат за влез во сите затворени јавни простори.
Романија на 25 октомври воведува нови ограничувања – сертификати за ковид и задолжителна вакцинација за сите ученици.
„Почитувани Романци, ако сакате да ставите крај на оваа пандемија, вакцинирајте се! Ако не сакате да одите во болница и да не завршите на интензивна нега, вакцинирајте се! Немојте да мислите дека ве лажеме колку е опасен овој вирус, за да мора да се вакцинирате“, рече претседателот на Романија, Клаус Јоханис во обраќањето.