Тесна трка во вториот круг кај албанскиот блок ќе има во Градот Тетово. Според резултатите од првиот круг, Теута Арифи има 11 138 гласови, а Билал Касами од Движење Беса има 10 496 гласа. Се очекува да се види каде ќе се ориентираат гласовите на СДСМ и ДПА во вториот круг. Коалицијата АА/ААА во Тетово добила 6 165 гласа.

„ДУИ видно води во општина Тетово“, истакна Али Ахмети.

А кандидатот на Движење Беса, Билал Касами, славеше во плоштад Илирија при што изјави дека тој ќе биде следниот градоначалник на Тетово.

„Тоа што ние го кажавме, ние сме единствената партија која не направи коалиција со партии, туку направивме коалиција со народот, тетовци ја прифатија таа коалиција и ни го дадоа нивниот глас. Во вториот круг примарна ќе биде коалицијата со тетовци, без разлика дали се од ДУИ или Алијанса, ДПА, ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ“, посочи Биљал Касами.

Во Гостивар за само за 0.3% од гласовите ќе има втор круг. Таму води актуелниот градоначалник Арбен Таравари од коалицијата АА/ААА.

„Имаме 55% од гласачкото тело и поминуваме на следниот круг. Се надевам дека ДУИ нема да нарави некаква фалсификација или во општинската изборна комисија и им честитам на граѓаните на Гостивар и иако целата државна апаратура денеска беше во Гостивар и покрај притисокот на партиите на власт, убедливо поминавме не со 50% туку со 55%“, вели Арбен Таравари.

ДУИ во втор круг оди во Желино со Движење Беса, а во Боговиње, Врапчиште и Теарце во вториот круг ДУИ ќе се соочи со Алијанса за Албанците.