Кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата за Куманово, Оливер Илиевски, и носителката на листата, Атина Мургашанска, на денешната прес-конференција им се заблагодарија на граѓаните за поддршката на вчерашниот изборен ден и ги повикаа и на 31 октомври да гласаат за Илиевски.

– Сакаме да потврдиме дека СДСМ и коалицијата докажаа дека е победник на изборите во Куманово. Вчера кажав дека разликата помеѓу мене и противникот во вториот круг ќе биде помеѓу 40 и 60 гласа за едниот или другиот. Видовме дека некој манипулира со граѓаните, имаше прослава на градскиот плоштад ама по пристигнување на резултатите од Државната изборна комисија се виде дека разликата помеѓу мене и Димитриевски е 20 гласа, рече Илиевски.

Илиевски рече дека ги очекува гласовите на ЛДП и ДОМ, на ДУИ, БЕСА, ДПА и изрази уверување дека ќе победи во вториот круг. Тој ги повика граѓаните да не потпаѓаат на, како што рече, манипулации, дека кампањата е за Куманово и ги повика сите граѓани да се вклучат. За неговиот политички опонент рече дека не покажал капацитет за решение за проекти ниту во изминатите четири години, а нема средства ниту за решавање нови проекти. Според него, нивната кампања била позитивна, а на опонентот била негативна.

– Видовме поткуп на гласачи, слушнавме сите во Куманово, има други работи кои ги знаеме не сме ги презентирале јавно ама во следниот 12 дена сите граѓани на Куманово ќе ја знаат вистината. Знаеме за сите калкулации кои ги правеле и ВМРО ДПМНЕ И Димитриевски и сите ќе бидат објавнеи во наредниот период, рече Илиевски.

Носителката на листата, Мургашанска, кажа дека освоиле најмалку 10 советнички места, но ќе почекаат на официјалниот извештај. И таа им се заблагодари на граѓаните за поддршката и ги повика за  поддшрка на Илиевски.

 

-Не верувајте на лажните левичари, има само едни социјалдемократи, една и единствена искрена понуда –  коцетптот едно општество за сите. Во меѓувреме, тие кои лажно се претставуваат ќе бидат демаскирани докрај, ќе бидат извадени на светлина тајните договори со денсичарските партии и нивната лажна опција дека се носители на прогресивниот концепт ќе паднат во вода, рече Мургашанска.