Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, на последниот ден од изборната кампања пред првиот круг од локалните избори в недела оцени дека неговата партија ќе ја оствари најголемата победа од нејзиното формирање.

-Без да сум субјективен, согласно анкетите кои не се на ДУИ, согласно анкетите на меѓународните организации кои ги вкрстивме во неколку наврати се покажува дека ДУИ ќе ја оствари најголемата изборна победа во нејзината политичка историја. Во моментов имаме само четири општини во кои градоначалник е Албанец, а не е од ДУИ. Ние мислиме дека драстично ќе падне тој број од четири општини и ДУИ ќе издвои изборна победа во најголемиот дел на општини, и урбани и рурални, од Липково до Струга“, изјави Османи на денешната прес-конференција.

Тој вели дека во првиот дел од кампањата, кој го нарече „прво полувреме“ ДУИ без сомнение победила, а за противниците рече дека имаат и непринципиелен однос и непринципиелна коалиција.

„Со позитивна енергија, со убава понуда, со убав концепт, со убави проекти преку наметнување на зелената агенда како најважен дискурс на оваа кампања успеавме да се спротивставиме и на нападите од страна на политичките конкуренти и на нивниот нефер и непринципиелен однос и на нивната непринципиелна коалиција во која веќе и самите не веруваат“, вели Османи оценувајќи дека неговата партија преку позитивната енергија имала една од најубавите кампањи досега.

На прашањето дали тоа што партискиот лидер Али Ахмети како следна цел најавува Албанец за претседател на државата е зелена агенда, Османи одговори дека Ахмети на состаноците со граѓаните ги објаснувал двете поглавја во политичкото дејствување на ДУИ од кои првото е уривање на стереотипите за етнички монопол на одредени функции, што само ѝ носи добро на државата. Сега, рече тој, партијата преминува кон ново поглавје, а тоа е зелената агенда.