Иако празник, центарот за вакцинација во Тетово не ги затвори вратите. Лекарот Бесник Мустафаи вели дека се вакцинираат тие кои имаат термин, додека граѓаните почнале да ја примаат и третата доза од вакцината со која се вакцинираат оние кои пред шест месеци ја примиле втората доза.

„Примарен услов е минимум да се поминати шест месеци од примањето на втората доза. Се аплицира кај пациенти кои се над 60 годишна возраст, оние со хронични болести и пациенти кои самите сакаат а поминале шест месеци од примање на втората доза, тие можат да ја примат третата доза“, истакна Бесник Мустафаи.

Сретнавме и граѓани кои дошле да примат трета доза. За тоа се одлучиле, бидејќи, како што велат, секојдневно се изложени на ризик, а апелираат до сите да го сторат истото.

Вакцинацијата во Тетово се одвива на неколку пункта. До сега нивото на вакцинација достигна 45% додека интересот за вакцинација почна да се зголемува кога Владата ги заостри мерките за движење на граѓаните кои немаат сертификат за вакцинација.