Обвинителството за организиран криминал по неколкумесечна истрага до Кривичниот суд во Скопје поднесе обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шест лица поради злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.

Обвинителството смета дека Рашковски во периодот од јуни 2017 година до февруари 2021 година, со умисла помогнат од двајца надворешни соработници, ги извршил кривичните дела. „Тој не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици“, наведуваат од Обвинителството.