Светската здравствена организација (СЗО) објави дефиниција за „продолжен ковид“, термин што се користи за да се опишат здравствени проблеми што ги доживуваат луѓето кои прележале корона вирусот. Научниците се уште работат на разбирање на овој синдром.
СЗО го дефинира „продолжениот ковид“ како состојба со најмалку еден симптом што обично почнува да се појавува во рок од три месеци од почетокот на потврдената или веројатна инфекција со корона вирус и трае најмалку два месеца.
Симптомите на „продолжена ковид“ може да почнат за време на инфекцијата или да се појават првпат откако пациентот ќе закрепне. Меѓу најчестите упорни симптоми се наведуваат замор, отежнато дишење и когнитивни проблеми. Други симптоми вклучуваат болка во градите, проблеми со чувството за мирис или вкус, мускулна слабост и брзо чукање на срцето.
Состојбата на „продолжен ковид“ генерално има влијание врз извршувањето на секојдневните активности.
Точниот број на луѓе погодени од оваа состојба се уште не е познат.
Студија од Универзитетот во Оксфорд, во која биле вклучени повеќе од 270.000 луѓе кои биле заразени со корона вирусот, открила најмалку еден симптом во 37 проценти од случаите, при што симптомите се почести кај луѓето на кои им е потребна хоспитализација.
Одделна студија од Универзитетот Харвард, која опфатила повеќе од 52.000 луѓе кои имале корона вирус и имале благи симптоми на инфекција или биле асимптоматски, сугерира дека продолжените состојби на ковид може да бидат почести кај пациенти под 65-годишна возраст.
За многу од симптомите на оваа состојба се пријавува дека исчезнуваат со текот на времето, без оглед на сериозноста на почетната форма на Ковид-19.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.