Одговарајќи на новинарско прашање, градоначалникот Петре Шилегов укажа дека мрежата од велосипедски патеки е зголемена за повеќе од две третини за четири години: „Ние успеавме за повеќе од две третини, за само четири години, да ги зголемиме велосипедските патеки.“
Шилегов истакна дека новите велосипедски патеки се сериозно видливи во градот Скопје: „Барем за велосипедските патеки, мислам дека во градот Скопје тие се сериозно видливи, вклучително и коридорите и конекторите помеѓу Партизанска и Илинденска, Булевар Србија до Булевар Александар Македонски, тоа се работи што сериозно недостасуваа.“
Шилегов поентираше дека треба да се признае и каже дека Скопје веќе израсна во Велоград: „Она што е добро во градот направено, секогаш има можност да се поправи, меѓутоа треба да се признае и да се каже: Да, Скопје конечно, во овие четири години, израсна во Велоград.“
Во Скопје од 2017 до 2021 се доделени над 15 илјади субвенции за велосипеди.
Во овој период, велосипедските патеки се ослободени од автомобили, обезбедени се со столпчиња, а мрежата на вело-патеки достигна 110 километри. Не станува збор само за патеки во центарот, туку изградена е мрежа од велопатеки од Ѓорче Петров до Маџари, и на исток до Ново Лисиче и Пинтија. Изградени се 10 конектори, поставени се преку 100 паркинзи за велосипеди, направен е првиот Велоштад во Скопје, а изградени се и два памптраци. Ослободен е и градскиот кеј кој долги години беше затворен за велосипедисти.
Скопје е меѓународно признаено како „Велоград“ – град на кој веќе му завидуваат соседните градови, како што е Софија.