Ценовен шок ги очекува граѓаните до Нова Година, предупредуваат од Стопанската комора. Во моментов цените на основните прехрамбени продукти се повисоки од 5 до 10 проценти, објави Телма.
Но следните месеци се очекува храната да поскапи 40 до 50 проценти како резултат на глобалните случувања плус процентот од енормниот раст на цената на енергенсите. Од комората бараат итна средба со Владата.
Покрај последиците од пандемијата, снабдувањето со електрична енергија во наредните години ќе биде прашање со кое ќе се занимаваме 24/7, предвудува претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
Азески укажува дека цената на електричната енергија на берзата за енергија во Будимпешта за последните 12 месеци порасна, од 57 евра за мегават час во јануари до 138 евра за мегават час на крајот од септември годинава.
Причина за ова се: зелената агенда во Европа и намалувањето на енергијата произведена од јаглен, релативно ниското производство од ветерните централи во Европа, брзиот пораст на пазарите во изминатиот квартал и енормниот пораст на цената на природниот гас на светските берзи. Оттука, нагласува Азески, почнува и проблемот со кој веројатно ќе се занимаваме подолг период.