Станува збор за многу голема трагедија и на состанокот на Кризниот штаб е одлучено во текот на ноќта да не се дадат какви било податоци за бројот на загинати и повредени додека не бидат проверени ситге информаците и првичните причини за пожарот, како и бројот на пациенти и вработени во модуларната болница за време на пожарот, им изјави на новинарите градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

На прашањето дали е точно дека има околу 20 починати лица во пожарот во тетовската модуларна болница, градоначалничката Теута Арифи рече дека не може да даде податоци, додека не бидат добиени официјални информации.

„Од што настанал пожарот можат да кажат само стручните служби, форензичарите, крим-техничарите и сите останати кои се вечерва на терен и вршат увид. Колку им дозволуваат условите, ќе работат во текот на ноќта, а увид ќе се прави и утре цел ден“, рече Арифи.

„Немаме точни информации за многу детали. На кризниот штаб одлучено е да не се даваат изјави се додека не добиеме официјални информации. Истражните органи ги испитуваат причините за пожарот. Ова е голема трагедија“, рече Арифи.

На крајот, Арифи рече дека повеќе не може да дава изјави и додаде дека тука нејзината изјава завршува.