Премиерот Зоран Заев смета дека Европа треба да ја прифати Северна македонија во нејзиното семејство затоа што нашата земја е во срцето на Европа.

Ваква оценка Заев изнесе лидерскиот панел на Бледскиот стратегиски форум посветен на темата „Иднината на Европа – Проширувањето“, каде учествуваа претседатели и преимери од регионот и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

„За нас ЕУ нема алтернатива. Ситуацијата на Северна Македонија е како кога некој сака да биде прифатен од некое семејство на кое отсекогаш му припаѓа, а Европа е нашето единствено семејство. Ние ќе продолжиме понатаму да ја оствариме нашата определба да станеме следна членка на ЕУ за која што нема алтернатива“, истакна Заев.

Тој потсетил дека Северна Македонија скоро 17 години е земја кандидат со потпишан Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година веднаш после Словенија, а пред Република Хрватска.

„Ги спроведовме сите реформи предвидени во пристапната фаза за членство во ЕУ, како и сите критериуми утврдени согласни процедурите за проширување на Брисел. Имаме 12 препораки и конечна препорака на Европската комисија со Европскиот совет дека земјата може да ги почне преговорите за членство со организација на првата меѓувладина конференција“, рече Заев.

Во врска со иницијативата „Отворен Балкан“ Заев истакнал дека таа е посветена на соработката меѓу земјите од регионот за да ги постигне европските стандарди за квалитетен живот за граѓаните и за одржување на мотивацијата за остварување на членство во ЕУ.