Поранешниот началник на Генералштабот на грчката армија и поранешен министер за одбрана во Владата на СИРИЗА Евангелос Апостолакис не ја прифати функцијата министер во новоформираното Министерство за цивилна заштита и управување со кризи на Грција, а засега надлежностите остануваат како што беа пред реконструкцијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Така, барем засега, „паѓа во вода“ обидот на грчката Влада да формира ново Министерство кое би се одвоило од постоечкото Министерство за цивилна заштита, а во чија надлежност би биле и противпожарната служба и спречувањето и управувањето со кризи.
Претпладнево, портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому го соопшти новиот владин состав, а неколку часа подоцна и неколку часа пред свечената заклетва во претседателската палата, Апостолакис, во изјава за информативниот портал „iEidiseis.gr“, рече дека не ја прифаќа функцијата, објаснувајќи дека имало два предуслови: постоење согласност од партиите и формирање независно министерство. Тој додава дека вториот услов бил исполнет, но не и првиот.
– Јас не ја избегнувам одговорноста, но не можам да прифатам предлог што нема поддршка од партиите за едно национално прашање. Особена чест ми претставува предлогот на премиерот, но ќе требаше да има поддршка од партиите, рече Апостолакис за „iEidiseis.gr“.
По ова следеше и изјава на портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, кој меѓу другото рече дека Апостолакис „се исплашил од заканите од СИРИЗА„ и „ѝ се потчинил на партијата“.
Иконому објаснува дека Мицотакис, сакајќи да ја примени во пракса неговата волја за консензус во цивилната заштита, „одлучи да формира Министерство, токму за оваа област и за позицијата избра лице со оперативно искуство, прифатено од партиите“.
Тој додава дека Апостолакис вчера, во телефонски разговор со Мицотакис, ја прифатил министерската функција, а утрово генералниот секретар на грчкиот премиер ги информирал кабинетите на лидерите на СИРИЗА и Движење на промена, Алексис Ципрас и Фофи Генимата.
По соопштувањето на реконструкцијата, според Иконому, од претседателската палата го контактирале Апостолакис во однос на деталите за свечената заклетва и добиле потврда од новоименуваниот министер дека веројатно ќе присуствува заедно со неговата сопруга.
– Но, следеше ужасно соопштение од СИРИЗА, кое господинот Апостолакис го карактеризираше како „отпадник “, говорејќи за негово „поткупување“. Веднаш по овој напад, господинот Апостолакис стапи во контакт со премиерот, соопштувајќи му дека не сака да ја преземе функцијата министер, рече Иконому и упати критики до СИРИЗА дека „ја торпедираше големата иницијатива за консензус, без партиски бои за една толку важна област“.
Паралелно, портпаролот на грчката Влада упати критики и до Апостолакис велејќи дека не беше на нивото на околностите и „се исплаши пред заканите од СИРИЗА“.
– Ѝ се потчини на неговата партија и отстапи од повикот да ѝ служи на татковината, додаде Иконому.
По последната разврска, сè додека не се одреди министер, надлежностите на новото Министерство, остануваат како и до сега во Министерството за цивилна заштита, а оперативната координација и понатаму ќе ја има генералниот секретар. (МИА)