Нашата цел е јасна, рамномерен регионален развој и подигнување на животниот стандард и тоа го постигнуваме со секој проект, не само од областа на патната инфраструктура, туку и преку други инфраструктурни проекти кои резултираат со поквалитетно образование, современа комунална инфраструктура, поквалитетни здравствени услуги, културен и социјален живот, изјави вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски при денешната посета на Крива Паланка.

Николовски заедно со градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак, го означи почетокот на изградбата на улицата „Вршачка”, еден од проектите од ТАВ програмата за поддршка на општините.

-Вредноста на оваа инвестиција е близу 150 илјади евра со ДДВ, а комплетно новата улица ќе биде пуштена во употреба за еден месец. Изградбата на оваа улица во населбата Долно Грамаѓе,е од исклучително значење за олеснување на пристапот на граѓаните до своите домови и гравитацијата кон централното градско подрачје.

Во рамки на поддршката за општините од ТАВ програмата овде во Крива Паланка дополнително планирани се и реконструкции на улици во населбите Чивл’к и Мизовски ливади,за што вкупната поддршка заедно со улицата Вршачка е околу 465 илјади евра.

-Би сакал да посочам дека преку ТАВ програмата беа доделени вкупно 94 договори во вкупна вредност од 49.7 милиони евра за реализација на инфраструктурни проекти во речиси сите општини во земјата.
Ова се проекти директно за граѓаните,за подобри услови за живот во секоја општина. Оваа Влада покажа како треба да се грижиме за секој граѓанин подеднакво,за секоја општина, бидејќи секој заслужува да има достоинствени услови за живот, дополни Николовски.

Градоначалникот Мицевски рече дека Општина Крива Паланка изминатите неколку години во континуитет работи на подобрување на локалната патна, канализациска, водоводна и останата инфраструктура, а градежната офанзива која трае со несмалено темпо продолжува и во следниот период.

– Изградбата на нови улици, патни правци, спортски терени, водоводи, канализациони системи, регулации, тротоари, нови објекти, градски парк и плоштад се само дел од нашето секојдневие. Денеска сме тука во населба Долно Грамаѓе неполн месец по претходната посета кога го означивме отпочнувањето на изградбата на локалниот патен правец од А2 кон новите градски гробишта, за да го официјализираме почетокот на уште еден проект кој е од огромно значење за жителите на овој регион, рече Мицевски.

Тој потсети дека Општина Крива Паланка во рамки на програмата на ТАВ доби три проекти вредни 29 милиони денари.

-Еден од тие проекти е и овој за изградба на улица „Вршачка” со кој го решаваме долгогодишниот проблем на граѓаните на Крива Паланка и поконкретно на жителите на оваа насалба. Проценетата вредност само на овој проект е околу 10.000.000 денари. Во оваа прилика сакам да изразам огромна благодарност до генерален директор на ТАВ Македонија  Метин Батак, но и до Владата која посветува огромно внимание и има сенс за решавањето на локалните проблеми. Со тоа оставаме траен белег на времето во кое делуваме и работиме, а се со цел, подобрување на условите за живот на сите граѓани и решавање на наталожените децениски проблеми, рече Мицевски.

Тој истакна и дека рехабилитацијата и изградбата на тротоари на улица Херој Карпош завршува, а од следната недела продолжув рехабилитација на крак од улицата Пере Тошев.

– Само оваа година за тековно одржување на улици и патишта се издвоени околу 9 милиони денари. Деновиве отпочна и третата фаза од асфалтирањето на патниот правец од село Габар кон сели Огут од околу 9 километри со вупна вредност од 34.500.000 денари. Финишира и изградбата на втората и третата фаза од регулацијата речното корито на Крива Река во висина од околу 25.000.000, а следи избор на изведувач за грант од 7.000.000 денари за следната фаза. Со несмалено темпо продолжиме и во следниот период со максимална посветеност и вложувања во трајни добра во заедницата, бидејќи изградбата на локалната инфраструктура е за подобар животот на сите граѓани, за нови вработувања, за локален економски развој. Продолжуваме да диктираме принципи на професионален пристап, висок степен на одговорност но и визионерство во креирањето и диктирањето на регионалниот развој во североистокот, кој со години наназад важеше за најнеразвиен и запоставен, додаде Мицевски.