Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, на денешната прес-конференција информираше дека се собрани потребните потписи од страна на граѓаните за поддршка на неговата независна кандидатура за градоначалник на оваа општина за претстојните локални избори кои ќе се одржат на 17 октомври.

„Денеска излегувам пред вас со иницијатива за нов четиригодишен мандат во којшто заедно со мојот тим, со нова сила и нова енергија сакаме да продолжиме да го градиме и развиваме Куманово. Денеска, како кандидат поднесов иницијатива за собирање на граѓанска поддршка и потписи во Општинската изборна комисија во Куманово. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на сите граѓани кои во изминатите три часа се отповикаа на оваа иницијатива и дадоа масовна поддршка. Тоа за мене е мотив повеќе да продолжам во заложбите заедно да го развиваме Куманово и заедно да работиме во развојот на демократијата во нашата држава. Досега работевме сплотени, упорно и посветено. И во континуитет чекор по чекор го менувавме ликот на нашиот град. Имаме намера да продолжиме и така“, потенцираше Димитривски.

Димитриевски истакна дека општината беше затекната со долгови, а дополнително беа решени финансиските проблеми и реализирани се голем број на проекти.

„Мојата цел заедно со тимот е да продолжиме на тој пат. Да го менуваме Куманово во вистинска смисла на зборот. Во оваа прилика, искрено и од срце сакам да се заблагодарам на сите граѓани кои се потпишаа на оваа граѓанска иницијатива и поддршка. Воедно, да информирам дека последните мои информации околу 13 часот е дека се собрани потребниот број на потписи за поддршка на оваа кандидатура. Ние сакаме да работиме заедно за Куманово. Нашата цел е да бидеме администрација на граѓаните која ќе ја доживуваат сите. Затоа сплотено и во духот на демократијата ќе продолжиме во тој пат“, рече Димитриевски.

На новинарско прашање, Димитриевски истакна дека во моментот советничката листа е во фаза на изработка, но носител на таа листа ќе биде жена која треба да го даде својот придонес во иднина.