Свадбите ни се удрија од глава, а здравствените власти не нѐ послушаа кога Комисијата за заразни болести побара да не биде дозволено организирање на свадбени веселби на затворено. Ова пред неколку дена за Алсат го изјави претседателот на комисијата, Жарко Караџовски.
Ако Караџовски бил против, тогаш кој ги дозволи свадбите?! Министерот за здравство, Венко Филипче признава дека имало поделени мислења во однос на организирање прослави на затворено, но уверува дека конечната одлука била заедничка, пренесува ТВ21.
Филипче вели дека пораст на бројот на пациенти заразени со Ковид-19 има и во регионот, но како што објаснува, тоа се должи на тоа што луѓето се враќаат од одмори. Додава дека и минатата година имало случаи кога брановите се случувале поради семејни веселби, но тоа, како што вели, не може да се спречи. Тој уште еднаш ја искористи приликата да истакне дека единствениот начин да се заштитиме е вакцинацијата.