Претседателот Пендаровски со Орден за воени заслуги ja одликуваше Армијата на Република Северна Македонија за професионалноста и за посветеноста на нејзините припадници, учесници во Меѓународните безбедносни сили за помош (ИСАФ) и во мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан.

„Ужасните слики кои доаѓаат од таа земја последниве денови не беа можни додека нашите војници заедно со 130.000 мировници од 50 држави од светот беа таму. Затоа донесов одлука да ги одликувам со Орден за воени заслуги сите припадници на Армијата кои беа во мисијата во Авганистан во изминатите две децении. Нашите војници тоа го заслужија“, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски го додели признанието Повелба на Република Северна Македонија на потполковник Егил Далтвејт, припадник на вооружените сили на Кралството Норвешка, на Центарот за странски јазици при Армијата на Република Северна Македонија и на Артилерискиот баталјон при Армијата на Република Северна Македонија.