Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер денеска ги отфрли повиците за враќање на германските војници во Авганистан, откако талибански сили го зазедоа градот Кундуз, каде германските војници беа распоредени повеќе од една деценија.

Германија го имаше вториот по големина воен контингент во Авганистан, веднаш зад САД, и загуби повеќе војници во борбите во Кундуз отколку каде било од крајот на Втората светска војна.

Во офанзивата започната по заминувањето на странските војници, Талибанците окупираа три провинциски главни градови викендов, вклучувајќи го и Кундуз.

„Извештаите од Кундуз и целиот Авганистан се горчливи и болни. Дали сме ние, како општество и парламент, подготвени да ги испратиме нашите вооружени сили во војна што може да трае цела генерација? Ако не сме, заедничкото повлекување со нашите партнери е сепак вистинската одлука “, нагласи германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер на својот профил на Твитер.

Некои кругови во нејзината конзервативна партија бараат германските војници да учествуваат во актуелната интервенција против Талибанците.  (МИА)