Време е за соработка, време е да нема граници помеѓу нас и сите да бидеме зачленети во ЕУ. Проблемот не е во суштината на договорите, туку во формата во којашто тоа било претставено на почетокот. Потребно е да се изнајде пристојна форма за учество на сите шест земји од Западен Балкан во иницијативата, вели првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби коментирајќи ја регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ на Северна Македонија, Албанија и Србија со која несогласување изрази Косово.

-Сметам дека какви било ставови да имаме во шестте земји од Западен Балкан, би требало да ги претставиме на сите регионални собири – и да сме против, и да сме за, тоа да го претставиме на заедничките собири коишто ги имаме, ставовите да ги унапредиме преку взаемен дијалог од сите страни. Тој дијалог треба да заврши со завршување на сите отворени прашања на Западен Балкан вклучително и взаемно признавање помеѓу Србија и Косово, затоа што само преку дијалог, а ова денешново е многу добар пример – 20 годишнината од Рамковниот договор, може да се надминат сите разлики. Време е за соработка, време е да нема граници помеѓу нас и сите да бидеме зачленети во ЕУ. Проблемот не е во суштината на договорите, не е во суштината на тоа што го разговараме за да имаме слобода на трговија, слобода на движење, проблемот е во формата во којашто тоа било претставено на почетокот. Затоа велам дајте заедно да седнеме и да ги спротивставиме аргументите, да најдеме пристојна форма каде што ќе учествуваат сите шест земји од Западен Балкан, вели Груби на новинарско прашање по промоцијата на поштенската марка посветена на 20-годишнината од Охридскиот договор.

Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ или нефоромлано нарекувана „Мини Шенген“ ја промовираа премиерите на Северна Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ на Економскиот форум во Скопје на 29 јули истакнувајќи дека со неа ќе започне нова ера на соработка во регионот. Тие ги повикаа земјите од регионот да се приклучат кон оваа иницијатива чија цел е зајакнување на економската соработка и отстранување на пречките за слободна движење на луѓе, стоки, капитал и услуги. Косовската Влада излезе со став дека иницијативата е „без визија за регионот“, а шефицата на косовската дипломатија, Доника Гервала Шварц за време на посетата во Скопје изјави дека во „Отворен Балкан“ гледа опасна идеја.