„Во последните два месеци инвестиравме многу време и напори за да имаме прагматичен дијалог со Скопје и да достигнеме до одредени решенија кои да бидат прифатени и од новата редовна влада“, вели шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев во интервју за бугарскиот дневен весник „24 часа“ , пренесува Трибуна.

Во интервјуто за бугарскиот дневен весник Стоев е дециден дека РС Македонија треба да ги исполнува своите обврски поврзани со Договорот за добрососедство и пријателство, но за жал Резолуцијата изгласана во Собранието на РС Македонија доаѓа во момент во кој дијалогот влегол во попозитивен тон. Според Стоев тоа ќе ја ослаби позитивната динамика на преговорите и ќе ги намали можностите за изнаоѓање на компромис.

„Го очекуваме објавувањето на Резолуцијата за да анализираме колку таа е во согласност со Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година. Едно нешто треба да биде категорично јасно, Бугарија нема да прифати преку такви документи да се оправда неспроведувањето на Договорот“, вели Стоев.

Првиот бугарски дипломат повторно напомена дека Бугарија бара јасно напишани гаранции дека нејзините национални интереси нема да бидат нарушени. Тие гаранции се уште попотребни сега по изгласаната Резолуција во Парламентот на РС Македонија.

Во однос на идејата за внесување на Бугарите во Уставот на РС Македонија, Стоев вели дека гарантирањето на нивните уставни права ќе реши голем број прашања од егзистенцијален карактер на самите нив.

Во интервјуто за „24 часа“ Стоев подвлекува дека Бугарија нема да го толерира говорот на омраза кој се наметнува преку медиумите и преку учебниците. Токму затоа Софија бара осуда на тие појави од страна на политичката елита на РС Македонија, што би било во интерес како што вели првиот човек на бугарското МНР и за покривање на критериумите од Копенхаген.