При вчерашната прошетка на тројцата предводници на „Мини Шенген“ и градоначалникот Петре Шилегов низ центарот на македонската престолнина, српскиот претседател Александар Вучиќ се потсети дека како млад доаѓал во Скопје и констатира дека градот е многу сменет. Со оглед дека во Белград е тренд изградбата на фонтани и монументи, Вучиќ на прошетката постојано се интересира кога се градени спомениците кои ги среќаваат движејќи се на кејот и плоштадот.

„Не паметам кога последен пат сум бил овде. Кога бев млад. Но, многу е сменето оттогаш. Супер е. Сега не се сеќавам, ама знам дека одев во некоја ‘Тропикана’. Сега немам поим ниту каде е, ниту би се снашол овде“,

вели Вучиќ.

Новинарката од ТВ Пинк, која врши директен пренос од прошетката, го прашува македонскиот премиер – каде се наоѓа кафулето кое го споменува српскиот претседател, на што Заев одговара дека не знае.

„Не знам каде е. Јас сум од Струмица и не го познавам баш многу добро Скопје. Ама не е во центарот на градот, сигурно“,

вели премиерот Заев.

Во текот на прошетката, кога двојка – момче и девојка, им се приближуваат и бараат да направат селфи, Вучиќ и Рама прават шега на сметка на Заев за тоа кој кои јазици ги зборува.

Јас не знам албански, а ти Еди, знаеш ли македонски, го прашува Вучиќ албанскиот премиер, на што овој одговара дека разбира малку, ама бугарски, па сите почнуваат да се смеат, велејќи дека шегата е наменета за нивниот колега Заев.

Со оглед на тоа што камерата е на српската телевизија, постојано се „ловат“ коментарите на Вучиќ, кој забележува дека е интересно што во рестораните на кејот заедно седат и Срби и Албанци.

„Едниот крева три прста, другиот ни дофрлува нешто на албански, видете колку е тоа убаво“,

констатира Вучиќ.

Откако ќе го пофалат градоначалникот Шилегов дека убаво го реновирал кејот и атмосферата е пријатна и за шетање и за седење во рестораните, тој самиот ќе каже дека било тешко да се постигне тоа, поради потребата да се стаса до заеднички прифатливо решение и за пешаците, и за велосипедистите и за сопствениците на локалите.

„Сега ќе го зафркавам Горан (се мисли на Горан Весиќ – заменик-градоначалник на Белград) дека јас ова го направив за само три месеци, а тој една улица во Белград реновира една година“, се пофали Шилегов. Но, коментарот не му се допадна на Вучиќ, па тој на скопскиот градоначалник му рече дека тие за четири години во Белград изградиле цел еден град.

„Претседателе, немате време, а и од безбедносни причини не можам да Ве прошетам да видите што се е направено во Скопје“, возврати Шилегов на забелешката на Вучиќ.

Потоа, тој како туристички водич детално ја објаснува историјата на Камениот мост, посочувајќи на интерпретациите дека е изграден во ерата на Јустинијан, во периодот на владеење на Цар Душан, но дека, според најголем дел од изворите, претпоставка е дека бил подигнат во османлискиот период, кога владеел Султанот Мехмед Втори Освојувач, кого Шилегов по грешка го нарекува Мухарем Втори.

На плоштадот, кај „Воинот на коњ“, Вучиќ прашува дали е тоа споменикот на Александар околу кој се кренала голема врева во односите со Грција, а потоа погледнувајќи кон спомениците на Самоил и на Гоце Делчев, го прашува Заев дали е тоа сега камен на сопнување со Бугарија.

„Самоил го решивме, во смисла на тоа дека е историја која не поврзува, ама Гоце Делчев не. Тоа е отворено прашање“,

нагласува премиерот Заев.

Прошетката ја завршуваат со констатација дека Србите и Македонците се братски народи кои се сакаат, по што седнуваат во еден од рестораните на плоштадот.