Од денеска почнува нова ера на соработка во регионот. Се поврзуваме за развој на нашите економии, со јасна и отворена намера секој граѓанин час поскоро да почувствува  директни придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Самостојно покажуваме политичко лидерство и грижа за унапредување на соработката, за која овој пат имаме и конкретна акциска програма. Убеден сум дека тоа ќе биде препознаено од Брисел и Вашингтон, рече премиерот Зоран Заев во воведното обраќање на Регионалниот економски форум „Поврзан Балкан“ што се одржува во Скопје.

Пред претставници од стопанските комори во регионот, деловните заедници и преку 300 компании, пред претставници од меѓународни институции, како и пред претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама, Заев потенцира дека овој масовен одѕив на поканата на македонската Влада е силна порака дека Балканот почнува да создава највисоко ниво на разбирање дека економското поврзување и создавањето динамичен и витален регионален економски простор е заедничка желба и амбиција.

Ова, подвлече македонскиот премиер, е автентичен, заеднички процес на Македонија, Албанија и Србија, но иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан.

Политилките лидери, напомена Заев, ги слушнаа барањата на стопанството – да има помалку историја и повеќе бизнис.

Тој се осврна и на ЕУ, нагласувајќи дека нејзиниот неуспех да ги исполни ветувања за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Македонија, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа.

-Но, ние не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред. Ние сме тука и тогаш кога Европската Унија ќе биде подготвена, ние сме тука – веќе подготвени, со веќе обезбедени олеснувања за нашите граѓани и со веќе развиени економски иницијативи. За нив ќе зборуваме и денес, па се надевам дека ЕУ ќе најде начин да обезбеди и финансирање за истите, особено што голем дел од нив се дел од зелената агенда, рече Заев.

Премиерот сепак истакна дека денеска не е тука за да зборува за ЕУ.

-Тука сум за да говорам за нашите граѓани, за нашите земји, за нашите идеи, за нашиот европски Балкан. За Западен Балкан, за овој отворен регион. За регион и за иницијатива коja денеска ќе се претстави со ново име, име кое ја одразува суштината на новата реалност што денеска ја промовираме сите ние заедно – лидерите, стопанствениците, граѓаните на Албанија, Србија, Македонија и сите други земји од регионот. Сите заедно му даваме нов импулс на заедничкиот економски простор, на поврзаниот регионален пазар. Заедничкиот регионален пазар е мотивација за да се поттикнат нови регионални иницијативи насочени кон приближување и за интегрирање со пазарот на ЕУ. За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Бидејќи ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од европскиот Балкан, рече Заев.

Премиерот ги повтори веќе искажаните заложби за т.н. четити слободи – слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.