Во Битола денес беше потпишана првата Национална декларација како дел од Европскиот план за борба против ракот.

Декларацијата беше потпишана од Хепар Центар Битола, министерот за здравство Венко Филипче, како и директорите на Клиниките за онкологија, гастроентерохепатологија, инфективна и директорот на „8-ми септември“.

„Со здружението Хепар денеска на светскиот ден за борба против карцином на црн дроб потпишавме Декларација за усвојување и воведување на стандарди за превенција, рана дијагностика и лекување на ова заболување“, вели Филипче.

Тој додава дека пациентите сега за прв пат имаат и терапија која е воведена на КИБФС и на Клиниката за гастроентерохепатологија.

„Станува збор за една патологија која бара мултидисциплинарен пристап,ова не е нешто што може да го реши еден лекар специјалист или може да се реши со еднодневно или краткотрајно лекување на пациентите. Ова е патологија која пациентите ја носат практично целиот живот и квалитетот на животот им зависи од тоа каква терапија ќе примаат, дали се тоа модерни лекови, дали е тоа современа терапија. Нашата заложба е овозможување најсоодветна и навремена дијагностика, терапија и следење на состојбата и исходите од лекувањето на пациентите, се со крајна цел да им се овозможат најдобри опции на пациентите во рамки на постоечката здравствена рамка“, вели Венко Филипче.

Декларацијата ги повикува сите надлежни институции и засегнати страни да развијат сеопфатна финансирана национална програма.