Конзулот на РС Македонија во Р.Бугарија во заминување Александар Панев, со емотивна порака на социјалната мрежа facebook си кажа „до видување“ со градот со којшто се чувствува како дома. Ви ја пренесуваме во целост емотивната порака на господинот Панев:

„Секогаш е тешко да си кажеш чао со град во кој си како дома. Ние, Которците и Софија, емоции со векови, чисти и братски, не секогаш беше со кавга и проблеми, како денес. Прохор Пчински е роден во Овче Поле, беше како брат со Св Иван Рилски, како пример мал. Которците (овчеполците) се од секогаш овде, со Шопите си имаме муабетот 🙂
Бевме и професори, столари, лекари, генерали, градоначалници и што ли уште не, нашата приказна е со крв, солзи и инат во историјата запишана. Ако реалноста и историјата се огледало, што е кршено со децении, сепак во малите парчиња успеав да го видам братот, и по толку години и во толку мали стакла, и во Варна, Пловдив, Велинград, Бургас и насекаде, се надевам дека во малите македонски парченца успеа да ме види и тој, од другата страна на огледалото, кршено, кршено направено на парампарчиња. Загубив и родител, пријател и брат овде, имаше и тешки моменти.
Минавме заедно и низ пандемијата, на што сум лично благодарен за целата братска помош кога затаи целиот свет, а прозорец мал беше Софија. Иако, после се, важи старата поговорка “Нема не казнето добро” но тоа е, мрежите не простуваат 😉
После сто години како македонски дипломат колку можев и беше до мене се обидов, но не успеав да направам многу, силни се центрифугалните балкански сили. Секогаш кажував гласно, свет каде што нема да сме браќа, а ќе сме Татари, окупатори, коминтерни и слични ниски навреди, не е мој, ниту сакам да имам кариера во такви игри, игри во кој ќе треба да се навредуваме. Тие игри не се наши, наметнати се, да не трујат, и да не направат слепи, да не го гледаме убавото во братот, а само лошото.
Можеби ќе дојдат идни генерации, млади деца, поумни од нас, ќе направат повеќе и подобро, нив треба да ги воспитаме и насочиме. Да покажеме дека можеме повеќе, да се обидеме барем де.
До скоро Софија, имаме уште многу што да си кажеме !
П.С Во твоја чест генерале!“, напиша конзулот Александар Панев.