Седма година по ред Коњаницата „Манастир Пресвета Богородица Пречиста“ за 2 август ќе продефилира во Крушево. На Илинденскиот марш што ќе почне на 28 јули коњаниците од Кичево заедно со припадниците на Мавровско-Горнореканската коњаница, до Крушево ќе треба да изодат повеќе од 180 километри.

Според програмата, коњаницата својот пат ќе го почне во среда, на 28 јули во 7 часот наутро од манастирот„ Пресвета Богородица Пречиста“, каде по Светата божествена литургија ќе има полагање заклетва во дворот на манастирот, избор на војвода и тргнување на пат за Кичево.

-По спојувањето со Мавровско-Горно Реканската на влезот од градот, околу 14 часот, двете коњаници или вкупно 18 члена, ќе го посетат црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево, каде ќе примат благослов од свештениците од кичевското архиерејско намесништво.Од Кичево коњаницата ќе го продолжи патот преку селата Другово, Пополжани, Видрани, Брждани и Свињишта и околу 20:30 часот ќе пристигне во Козица, родното село на Пиперката, каде за оваа прилика ќе биде организиран пречек и општонародна веселба, рече идејниот творец на кичевската коњаница, Станоја Станојоски.

-Третиот ден коњаницата од село Сопотница ќе се упати кон село Прибилци каде ќе биде организирана комитска софра и потоа преку селата Сладуево и Граиште се упатува кон градот Демир Хисар, од каде патот ги води во манастирот „Свети Илија“ во село Журче. Таму, за коњаниците ќе биде организиран пречек со жива свирка и ќе се ноќева. Последниот ден од маршот коњаниците од Журче ќе се упатат кон Крушево, каде ќе останат до големиот празник Илинден кога и завршува Илинденскиот марш, додаде Станојоски.

Сите коњаници  ќе бидат дел од дефилето што ќе се организира  на Илинден, на прославата на големиот македонски празник.