МВР и РСБСП  продолжуваат со  едукативни, сообраќајно превентивни активности во рамките на „Летната кампања 2021“ , но истовремено продолжуваат и  засилените контроли на сообраќајната полиција,  се со цел безбедно лето и помалку настрадани лица на улиците и патиштата.

„Летна кампања 2021“ се реализира под мотото„ Вози одморен“ и целта на МВР и РСБСП е да ги потсетат возачите на влијанието на заморот и високите летни температури  на способноста за управување на моторно возило.

Статистичките податоци покажуваат дека во летниот период се зголемува бројот на сообраќајни незгоди, а од нив голем дел се последица на заморот. Водејќи се од тоа,  МВР и РСБСП преку едукативни материјали и преку дистрибуција на вода, ваучери за кафе, маици и друг едукативен материјал и преку  едукативни разговори и советување ги потсетуваат возачите  да не ги преценуваат своите возачки способности, да не си поставуваат нереални цели во патувањето (како на пример:  во 8.00 часот треба да бидам на плажа,  за 6 часа стигнав до целта, јас можам да возам 10 часа без паузи, итн.) туку напротив да патуваат одморени, наспиени и да одмараат веднаш штом ги почувствуваат првите знаци на замор.

Брзото возење и возењето под дејство на алкохол  исто така се  во групата на  главни причинители на сообраќајни незгоди со сериозни и фатални последици и  токму затоа во рамките на Летната кампања 2021,  МВР и РСБСП посветуваат големо внимание на овие ризик фактори.

-Апелирам до сите учесници во сообраќајот, да ги почитуваат правилата и прописите. Но, посебно возачите кои консумираат алкохол и возачите кои се движат со многу голема брзина, за жал нема место во сообраќајот, изјави Гордана Кожуваровска,претседател на РСБСП.

-Мораме да ја менуваме свеста на граѓаните. Мораме да го промениме она што е вградено, дека е мангуп оној што вози брзо. Не, не е мангуп оној што вози брзо, мангуп е оној што вози правилно и што ќе стигне безбедно на својата одредница. Да се приклучиме сите кон оваа кампања, да придонесеме сите и да имаме најбезбедна година што се однесува до сообраќајот, изјави , Тони Ангеловски – портпарол на МВР.