Пратениците во Комисијата за европски прашања, седнати еден до друг, за денеска не се договорија што да сработат. Не го усвоија дневниот ред. Меѓу законите требаше да се најдат и оние за управување со отпад. За двата предлог-закона, десетина еколошки организации побараа нивно одложување, а од септември да се одржи јавна расправа. Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски објави дека тие заедно со Алијанса за Албанците и ЛДП, ги надгласале СДСМ и ДУИ за двата предложени закони да се симнат од дневниот ред. Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова не се согласува со Милошоски.
„Не станува збор за било какво надгласување. Станува збор за тоа да се слушне гласот и на граѓанските организации…“, вели Моника Зајкова, ЛДП.
Сепак, министерот за екологија најави дека нема да ги повлече двата закони бидејќи биле усогласени со европската регулатива. Но, ќе се повлече членот кој овозможува увоз на РДФ отпад, односно горива што можат да се користат во печки бидејќи институциите не биле подготвени да вршат контроли.
„Законите се усогласени според директивата на ЕУ, но јас ги прифаќам и мислењата на граѓаните и на пратениците дека не треба да се дозволи увоз на РДФ бидејќи сметаме дека контролите не се доволни и сè додека е вака ќе го забраниме увозот на отпад во нашата земја“, рече Насер Нуредини, министер за екологија.
Од невладините организации на власта ѝ посочија дека е потребно да се дефинира подобра контрола во управувањето со отпадот и тоа да се спроведе на терен.