Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов” и Националниот сојуз на слепи и Зета – Организација за попреченост и правда, денеска, во Собранието организираше настан по повод Меѓународниот ден на белиот стап.

Настанот, во улога на модератор го отвори Елена Кочоска која ги поздрави присутните и изрази благодарност до Собранието за организацијата на овој настан.

Никола Мицевски, претседавач на ИППГ за правата на лицата со попреченост, во своето обраќање истакна дека секој човек има право на независен живот, како и на пристап до образование и здравствена заштита. Тој нагласи дека пристапноста не е дополнителна придобивка, туку неопходен чекор кон еднаквоста, повикувајќи на почитување на различностите и отстранување на бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост.

Александра Јаковчевска, директорка на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, се осврна на предизвиците со кои се соочува училиштето во секојдневното функционирање, како и на спроведените реформи насочени кон создавање услови учениците да се чувствуваат пријатно, да ги извршуваат своите обврски и успешно да се образуваат.

Валентина Ѓурчиновска, претседателка на Здружението на слепи и лица со оштетен вид – Скопје, ги посочи проблемите со кои се соочуваат слепите лица и лицата со оштетен вид во секојдневниот живот, нагласувајќи ја потребата од континуирана поддршка и унапредување на условите за нивно независно функционирање.

Ѓоко Велковски, министер за социјална политика, демографија и млади, истакна дека министерството е во постојана комуникација со организациите што ги застапуваат лицата со попреченост и работи на конкретни законски реформи за унапредување на нивните права. Тој нагласи дека институционалната поддршка и координираната соработка меѓу надлежните институции и лицата на кои им е потребна помош се клучни за постигнување вистинска еднаквост.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, се осврна на активностите на училиштата и Министерството во насока на унапредување на инклузивноста во образовниот процес. Таа истакна дека целта е секој човек да има еднаква можност да го развива својот потенцијал и самостојно да ја гради својата иднина, посочувајќи ги промените што се преземаат за зголемување на самостојноста на лицата со попреченост.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, говореше за активностите на Владата во оваа област, нагласувајќи дека во изминатиот период се преземени конкретни чекори за поддршка на лицата со попреченост. Таа посочи дека обврска на институциите е донесените мерки и решенија да ги доближат до лицата на кои им се потребни, со цел тие да можат полесно да ги остваруваат своите права.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека сè уште постојат предизвици во однос на пристапот до дигиталната инфраструктура. Тој нагласи дека целта е секој граѓанин да може самостојно, едноставно и брзо да ги завршува административните обврски преку дигитални услуги, без потреба од посета на шалтери. Во таа насока, тој ја истакна важноста на предлозите и дискусијата отворени во рамките на денешниот настан.

Пратеничката Емилија Ангелова, членка на ИППГ за правата на лицата со попреченост, сподели дека нејзиното професионално искуство со лицата со попреченост ѝ овозможило да научи значајни лекции за потребата од еднаквост, разбирање и почитување. Таа нагласи дека пристапот до институциите не е привилегија, туку човеково право, посочувајќи дека зад секое лице со попреченост стои личност со сопствени соништа, цели и потенцијал. Наместо да се создаваат пречки, неопходно е да се обезбедат услови за нивно рамноправно учество во општеството.

Настанот заврши со дебата во која активно се вклучија и лицата со попреченост, кои имаа можност да ги споделат своите искуства, предизвици и предлози за подобрување на пристапноста и остварувањето на нивните права.