Премиерот Зоран Заев и премиерката на Србија Ана Брнабиќ го оценија како исклучително значајно воведувањето бесплатен роаминг за граѓаните од земјите во регионот. Следен чекор, како што рекоа на заедничката средба на маргините на „Преспа форум за дијалог“ во Охрид, е оваа неограничена можност за поврзување да се обезбеди и со земјите членки на ЕУ.
Заев и Брнабиќ се договорија и итно да се обезбедат сите услови за целосна функционалност на „One Stop Shop“ системот за контрола на границата меѓу двете земји, што беше забавен поради околностите кои ги наметна пандемијата.
Како што соопшти владината прес-служба, договрено е и да се интензивираат активностите за отворање Македонски културен центар во Србија и Српски културен центар во Северна Македонија.
Оценка на Заев и Брнабиќ е дека Србија и Северна Македонија негуваат исклучително блиски односи, и меѓу државите и меѓу народите и меѓу владите.
Според нив, настанот во Охрид организиран по повод три години од Договорот од Преспа го слави успехот на дијалогот и го подобрува имиџот на Балканот.