Најголемата меѓународна конференција во нашата држава „Преспа форум дијалог“ ќе се одржи утре и задутре, 1 и 2 јули, во Охрид и Отешево каде што ќе се сретнат лидерите на државите од регионот со највисоките претставници од Европа и САД.

Низ големиот број на панел дискусии, панелистите ќе се осврнат на носечката тема на конференцијата Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна.

Во основата на „Преспа форум дијалог“ се наоѓаат три столба: Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија и Договорот од Преспа.

Доаѓаат двајца претседатели на држави, на Словенија и Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и Борут Пахор, четири премиери од регионот, Еди Рама, Зоран Тегелтија, Ана Брнабиќ и Албин Курти, како и осум министри за надворешни работи од Албанија, Австрија, Црна Гора, Хрватска, Косово, Романија, Полска, Грција, Чешка и Италија.

Помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот на САД, Филип Рикер, и заменик-помошник секретар во Бирото за Европски и Евроазиски работи во Стејт департментот на САД, Метју Палмер, ќе бидат дел од Конференцијата, додека, пак, од ЕУ, ќе присуствуваат комесарот Јоханес Хан, специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, Анџелина Ајнхорст од Службата за надворешна и безбедносна политика, како и неколку пратеници од Европскиот парламент.

Од Франција како гости и учесници ќе бидат специјалниот пратеник на министерот, Жан-Ив Ле Дриан, сенаторот Алан Ришар, како и пратеникот Жак Мер.

Присутен ќе биде и поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, како и значајни претставници од таканаречената „Охридска група“. На највисоко можно ниво ќе бидат претставени ОБСЕ и Советот на Европа, а тука се и генералниот секретар Марија Пејчиновиќ-Буриќ, генералната секретарка на РСС Мајлинда Брегу, генералниот секретар на РИКО Алберт Хани, и на Комитетот за демократии Томас Гарет.

Конференцијата во живо ќе се пренесува преку јутјуб-каналите на Преспа Форумот, преку социјалните медиуми, но ќе ја покриваат и над 100 домашни и странски акредитирани новинари.

Конференцијата е под покровителство на Владата, а во организација на Министерството за надворешни работи.