Остануваме уште попосветени на нашиот пат кон Еевропската Унија и на регионалната соработка. Нашите земји се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што и се тие потребни на ЕУ, порачаа премиерот Зоран Заев, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ во трипартитната изјава по денеска одржаната работна средба преку интернет конференциска врска во рамките на иницијативата за засилена регионална соработка.

На почетокот на изјавата тројцата лидери порачуваат дека постојниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да ги одржи првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија одат против европската волја на трите земји, но и против интересите на самата ЕУ.

-Нашата историја и нашата иднина се европски и живееме во регион опкружен со границите на Европската унија. Контекстот во кој се наоѓаме е предизвикувачки и истиот е предизвикан од предолгиот статус кво на Унијата vis-a-vis нашиот процес на интеграција во ЕУ. Сепак ние остануваме уште попосветени на нашиот пат кон ЕУ и на регионалната соработка. Сакаме порано, отколку подоцна, да видиме дека четирите слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, услуги и капитал – се спроведуваат низ целиот регион. И ние ќе сториме сè што е во наши раце да се движиме кон оваа цел преку моќта на нашиот пример. Во овој дух, ние ќе ја искажеме нашата целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули, пишува во нивната изјава.

Понатаму тие се осврнуваат на регионалната соработка преку Берлинскиот процес со која очекуваат дека ќе донесат опипливи резултати на граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија. За таа цел, најавуваат дека на 29 јули ќе се сретнат во Скопје за да ги потпишат договорите меѓу трите земји кои произлегуваат од Берлинскиот самит односно договори за соработка и помош во случај на природни катастрофи, за олеснување на трговијата, извозот и увозот меѓу трите земји.