По повод 130 години од изградбата на пругата Битола – Солун вечер во продукција на Интимен Театар ќе се случи проектот „Возот“ што е во склоп на македонско-грчки проект, организиран од културната организација „Дрезина“ од град Вериа.

Во проектот учествуваат осум грчки градови – Солун, Александрија, Вериа, Наоуса, Едеса, Скидра, Аминдео, Лерин, како и Битола од македонска страна, претставувана од Интимен театар. Во сите овие градови, на нивните железнички станици, вечер во 20.30 часот македонско, и 21:30 часот грчко време, ќе се случат мноштво на културни настани, во знак на прослава на железничката линија Битола – Солун.

Овај настан е поддржан од Грчката национална железница, како и од Македонски железници, затоа што оваа година е „Европска година на железниците“.

Проектот на Интимен театар „Возот“, е всушност театарска претстава, во којашто настапуваат сите актери што гравитираат окулу Интимен, а ќе има и ученици од театарската школа „Фабрика за мечти“. Мотото на претставата е: „Интимен Театар за железницата“, со една единствена цел, а таа е да се промовира важноста на оваа линија Битола – Солун за целата локална заедница, како и за целата наша држава, а и да се потенцира практичноста и ефикасноста на превозот со воз. Битолскиот дел од проектот ќе се случи на самата железничка станица, во просториите на ноќниот клуб Јагода, додека другите осум градови ќе имаат свои културни програми на нивните железнички станици.