Постојниот систем на здравствена заштита на затворениците треба да се подобри и многу сме блиску до наоѓање на дефинитивниот модел, на кој долго време се работи, вели министерот за здравство Венко Филипче по денешната изјава на омбудсманот.
-Тоа е проблем за којшто сме свесни подолго време и знам дека е информиран и Народниот правобранител и подолго време бараме решение. Неколку пати се објави оглас во Здравствениот дом Скопје којшто е одговорен да ја спроведува таа здравствена заштита во затворите и секој друг здравствен дом во градовите кај што има затвори, меѓутоа не се пријави ниту еден лекар. И затоа сега се прави малку поинаков план, едно да има дополнителна финансиска стимулација за тие лекари коишто ќе работат на тоа или да биде по системот на ротација. Многу сме блиску до наоѓање на дефинитивниот модел, долго време се работи, не беше едноставно да најдеме како. Сега има систем на здравствена заштита, меѓутоа треба да се подобри и сме свесни дека треба да се подобри и мислам дека ќе најдеме и за тоа решение, рече Филипче на новинарско прашање.
Народниот правобранител Насер Зибери, денеска при објавување на Извештајот за здравствената заштита на затворениците истакна дека 476 затвореници од вкупниот број од 2118 (затвор-притвор), страдаат од нарушувања предизвикани од употребата на дрога, и дека Министерството за здравство не го дава ни миниумот овие институции да имаат доволни здравствени екипи, специјализирани за зависниците од дрога.