Лидерот на ДУИ Али Ахмети тврди дека со премиерот Зоран Заев разговарал за промена на трите државни симболи, знамето, грбот и химната. Ова Ахмети го изјави вчера во интервју за ТВ Клан додавајќи дека прашањето за промената на химната е веќе извесно и дека за тоа немало, поголемо противење од СДСМ.

„Се разговарало и за химната и за грбот и за знамето. Овие се прашања за кои е потребен консензус, но ова повеќе ќе зависи од договор помеѓу Македонците. Што се однесува на химната, се разговарало и нема којзнае какво противење и тоа е повеќе прашање на време и мислам дека може да се разговара без резерви“ изјави Ахмети за ТВ Клан.

Во истото гостување во Клан ТВ, Ахмети посочи и дека ДУИ планира да соработува со СДСМ на локално ниво во пресрет на изборите, бидејќи тоа е во интерес на двете партии.

Од кабинетот на премиерот објаснуваат дека во изјавата на Ахмети нема тврдење оти наводно било разговарано со премиерот Заев или со друг претставник од власта. „Сметаме дека државата треба да се фокусира со сите свои капацитети на политиките кои носат развој, економија и повеќе пари за граѓаните. Владата ќе продолжи на тој пат“, стои во реакцијата на владата.