Во државата веќе неколку денови по ред се бележи тренд на намален број на новозаболени од Ковид-19. Во вчерашната статистика од Министерството за здравство беа регистрирани осум новозаболени, а немаше починати пациенти.
Вкупно 3.265 тестирања беа направени во текот на вчерашниот ден. Од осумте новозаболени, тројца заразени се во Скопје, во Струмица двајца, a Куманово, Велес и Кичево по еден.
Притоа, регистрирани се 72 оздравени пациенти, и тоа од Скопје 23, Куманово, Прилеп и Кичево по 7, Гостивар и Охрид по 6, Битола – 5, Тетово – 4, Радовиш – 3, Штип – 2, Струмица и Дебар по 1.
Досега во земјата се направени вкупно 854.673 тестирања на Ковид-19.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.624.
Бројот на оздравени пациенти е 149.862, а на починати е 5.475. Има вкупно 287 активни случаи.
Намален број на заболени од Ковид-19 се бележи и во Албанија, и поради тоа оваа држава одлучи за македонските, но и за сите други туристи кои одлучиле летово да одмараат на нејзиното крајбрежје, да добијат бесплатен брз тест, доколку се пожалат од симптоми на Ковид-19.
Албанската министерка за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу вчера информираше дека почнале да функционираат 29 здравствени амбуланти каде 24 часа се достапни здравствени услуги, како и бесплатни тестови за секој сомнителен случај.
– Во секоја летна здравствена амбуланта во крајбрежните и планинските туристички области, се нуди 24-часовна услуга за секоја итна медицинска помош, како и бесплатен брз тест, за секој случај за кој постои сомневање за Ковид-19. Во случај на појава на некој од симптомите, одете во најблиската здравствена амбуланта. Заедно, да го ограничиме ширењето на коронавирусот, за безбедна туристичка сезона, напиша Манастирлиу во објава на Фејсбук.
Инаку, во државата деновиве беше забележан уште еден случај на индиски сој на вирусот Ковид-19. Сепак, надлежните соопштија дека пациентот не е во ризик, состојбата е под контрола.
Министерот за здравство, Венко Филипче уште еднаш напомена дека епидемиолошките анкети кои се направени не покажале постоење на ризик, и со тоа не постои никаква потреба од воведување дополнителни рестрикции.