Џељаљ Цека веќе не е директор на Јавното комунално претпријатие „Тетово“. Според сознанијата на ТВ21, поради одредени нерегуларности, во текот на вчерашниот ден во ова претпријатие влезе Управата за финансиска полиција. Информациите ги потврдуваат и од Управата со која раководи Арафат Мухареми.

„Од страна на Управата за финансиска полиција, а согласно надлежностите се вршат контроли во Јавното комунално претпријатие „Тетово“ поради недостиг на вода, правото за користење вода и друго. По извршената контрола, со сите наоди ќе биде доставен поднесок до Основното јавно обвинителство“, истакнаа од управата за Финансиска полиција.

Заминувањето на Цека од функцијата го потврди и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, но вели дека не е поради акцијата на Финансиската полиција.

„Не станува збор за оставка. Всушност нему му истече мандатот и станува збор за дополнителен ангажман во неговиот понатамошен план. Ние го направивме изборот како резултат на истекот на мандатот. Можам да кажам дека не е поради интервенцијата за која зборувате“, посочи Арифи.

Инаку, в.д. директор на Јавното комунално претпријатие ќе биде Туши Дервиши, познак како близок човек на Теута Арифи. Џељаљ Цека беше назначен во 2013 година, кога Арифи првпат беше избрана за градоначалничка. ЈКП под раководство на Цека успеа да ја отстрани депонијата од градот, но сепак имаше случаи кога вработените со месеци остануваа без палта и платени придонеси. Во моментов вработените во Јавното претпријатие не земале плата за неколку месеци.