Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека на повидок е уште едно предавство, кое како што вели тој сега ќе го сторат Зоран Заев и Владо Бучковски, кој е назначен како специјален посредник во преговорите со Бугарија.

-За разлика од она што од пред неколку години го спремија Заев и Никола Димитров, сега во главна улога како извршител на Заев е Владо Бучковски.

За тоа би сакале да повикаме Заев и Бучковски овие денови да обзнанат за што преговараат тајно во Софија.

Сметаме дека овие преговори кои што ги водат Заев во Скопје, и Бучковски во Софија далеку од очите во јавноста се на штета на македонските национални интереси и се спротивни на европските вредности. За тоа што се преговара за етногенезата на еден народ, на Македонците и за автономното настанување на континуитетот на македонскиот јазик.

Зоран Заев овие денови со неговиот дует Бучковски преговараат нешто што веќе Заев го најави во скандалозното интервју пред половина година дека ќе потпише анекс или друг облик на гаранција кои што ќе значи прифаќање на анахроните позиции кои што беа изгласани во декларацијата на бугарското собрание. Истите се спротивни на македонските национални интереси и се косат со европските права и слободи на секој народ.

Самиот Заев тогаш рече дека е блиску до решение, но реакцијата на јавноста беше единственото нешто што го спречи да го направи тоа предавство. За тоа најавуваме дека доколку двоецот Заев – Бучковски се обидат преку овие тајни преговори кои во изминативе три дена се водат во Софија повторно да направат уште едно предавство, ќе ја имаат истата и уште посилна реакција од народот, и во институциите, и на улиците и на секоја можна форма која што ќе го попречи ваквото предавничко однесување, обвинува Милошоски.