Поради несогласувања од некои пратеници, измените на законот за матична евиденција, не беа ставени на дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Пратеничката на СДСМ и член на оваа комисија, Снежана Калевска Ванчева вели дека законот не е целосно повлечен туку е симнат од дневен ред со цел некои пратеници да го разгледаат повторно предложениот текст.

„Точката е симната од дневен ред бидејќи немаше услови да се продолжи. Дел од пратениците побараа да направат анализа на текстот. Законот не е повлечен. Ќе се врати на дневен ред на матичната комисија“, посочи Снежана Калевска Ванчева.

Новиот предлог закон кој помина во Влада, во Собрание е испратен со европско знаменце. Помина и во Комисијата за европски прашања, меѓутоа, како што дознава ТВ21, некои пратеници од мнозинството имале сомнежи, затоа побарале повеќе време да го разгледаат.
Неофицијално се дознава дека член 19-б е тој кој што е дискутабилен, и во кој се вели “во постапка за правно признавање на родот нема да се бара доставување докази за хируршката процедура за целосно и делумно прераспределување гениталии, хормонална терапија или било кој друг психијатриски, психолошки и медицински третман на поднесителот на барањето“.

Опозицијата отворено се спротивставува на актуелниот текст. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски вели дека предложените измени такви какви што се, не можат да поминат бидејќи се скандалозни.

Координаторот на пратеничката на АА-ААА посака овој предлог закон да се повлече и да не се врати никогаш. Вели дека Северна Македонија има многу други прашања со приоритет кои треба да се усогласат со тие на ЕУ.

„Ова е прашање кое ниту Франција, ниту многу други држави на ЕУ не го имаат имплементирано, така што посакувам да не се врати и да остане таму каде што е. Ние сме против и ќе се потрудиме со демократски механизми согласно нашите политички сили да спречиме носење на еден ваков закон бидејќи нас не не оштетува од национален аспект, зборуваме од човечки аспект“, рече Скендер Реџепи, АА-ААА.

ДУИ не успеавме да добиеме став по ова прашање. Од тоа што е познато до сега, преку овој закон, на граѓаните ќе им се даде правото за промена на полот како и можност за негирање на родовата определба да се запишат под “друго“. Инаку предлагач и составувач на овој закон е Министерството за правда.