Во гостувањето во емисијата „Кирилица“ на ТВ Хепи, претседателот на Србија, Александар Вучиќ на прашањето за решавањето на спорот со Косово, одговори со споредба на решавањето на билатералниот спор на Македонија и Грција. Како што вели тој, Македонија единствено што добила од ЕУ за договорот од Преспа била убава тримесечна приказна во западните медиуми.

-Најмодерни и најдобри се оние политичари кои со воодушевување ќе прифатат независност на Косово, а притоа Србија ништо да не добие за возврат. Или да добие убава приказна во три месеци во западните весници, па да заврши како Зоран Заев со Преспанскиот договор. Па, така денеска човекот не знае што да прави со себе, бидејќи не сакаат да му отворат преговори затоа што, повеќе не знам ниту самиот поради што, ниту постои рационално објаснување.

Новинар: Не е само Бугарија која ги блокираше тие преговори?

Вучиќ: Велат дека е, но кога на мене ќе ми кажат дека една мала земја блокира се, јас само ги спуштам рамениците и велам, да, да, така е.