Пролетниот базар на книгата пред Националниот дворец на културата во Софија почна под мотото „Девет отсто ДДВ за пообразована и почитувана нација“. На овој начин, бугарските писатели, издавачи и читатели ја изразија желбата на оваа културна заедница за трајно намалување на ДДВ-то на девет отсто.
Како што јави дописникот на МИА од Софија , во моментов ДДВ-то во Бугарија за објавување е намален од 20 на девет отсто, но како привремена мерка, која истекува на крајот на 2021 година.
На отворањето на пролетниот базар на книгата присуствуваше бугарскиот министер за култура, Велислав Минеков, кој на писателите и издавачите им честиташе за нивната истрајност и посветеност кон книгите, како и желбата дома да се организираат цели библиотеки со непрочитани книги.
На Книжевното катче утре ќе се дискутира за задржување на данокот на додадена вредност од девет отсто. Мерката беше воведена за време на ковид кризата во Бугарија од страна на владата на Бојко Борисов.
Претседателка на здружението „Бугарска книга“, Велизара Добрева, коментира дека и како издавачи и како здружение што ги обединува издавачите на книги и продавачите на книги во Бугарија, важноста на придобивките од книгите треба да биде поддржана со пониска стапка на ДДВ, бидејќи смета дека ова е многу добра помош во оваа област на културата што треба да се задржи постојано, како и во сите други земји-членки на ЕУ. Здружението, исто така, ги истакна и очекуваните придобивки од понискиот данок, бидејќи целта е да се стимулира објавувањето на се повеќе разновидни наслови и да се постигне подостоинствена награда за работата на авторите, преведувачите, уредниците, лекторите, консултантите, уметниците и дизајнерите.