Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев постојано покажува што значи силна посветеност и реализација на мерки и политики што значат развој на економијата, нови работни места и унапредување на животниот стандард, велат од СДСМ.

Владејачката партија тврди дека во таа насока е и Интервентниот план на инвестиции во вредност од над осум милијарди евра кои треба да се реализираат во периодот 2021 – 2027 година. Како дел од овој план, предивена е голема странска инвестиција за фабрика за создавање енергија од цврст отпад, велат од оваа партија.

-Станува збор за инвеститор од Луксембург кој ќе инвестира 336 милиони евра за фабрика со плазма за согорување односно без кислородно согорување на високи температури.
Оваа инвестиција е во затворен систем без оџак и е целосно еколошка инвестиција.

Покрај фабриката, вкупната инвестицијата содржи и 100 комунални возила за собирање на смет, изградба на 11 претоварни станици и 11 збирни потстаници, 6.000 метални и пластични комунални контејнери, како и асфалтирање на патна делница од 5 км до село Дуброво во Општина Неготино.

Оваа инвестиција освен економски, содржи и еколошки аспект, односно претставува целосно и трајно решавање на отпадот на 74% од територијата на Северна Македонија или опфаќа 48 Општини.

Се работи за целосно странска приватна инвестиција, по пат на Законот за стратешки инвестиции.

Следува и отворање на фабрика за селектирање и преработка на отпад во Источниот и Североисточниот регион, во вредност од 37 милиони евра, средства од ЕУ. За целите на оваа инвестиција веќе е формирано заедничко комунално претпријатие за управување со депонијата односно со новата фабрика во Свети Николе.

Според предвиденото, стартот на изградба би започнала до крајот на годината а истата би опфатила огромен број општини од штипскиот и кумановскиот регион.

Само со овие две инвестиции во вкупна вредност од околу 400 милиони евра освен што отвораме нови работни места и го унапредуваме регионалниот развој, ставаме крај на деценискиот проблем со депониите во нашата држава.

Ова се инвестиции за нови работни места, но и за почиста и поздрава животна средина.

Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 е одлучен чекор преку кој градиме пат на раст и развој на македонската економија.

Ова е сериозен план за инвестиции во вредност од 8 милијарди и 175 милиони евра кој ќе донесе силен рестарт на македонската економија.

Како одговорна партија, продолжуваме да креираме и реализираме мерки и политики за поддршка на економијата, за раст и развој на домашното стопанство, за подобар живот на сите граѓани, велат од СДСМ.