Не станува збор ниту за нова градба, ниту за капацитет каков што ние планираме да изградиме, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче во врска со обвинувањата што вчера ги изнесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека во Србија се гради Клинички центар кој ќе чини многу помалку отколку оној што се планира во земјава.

Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече во Србија станува збор за зграда на Клиничкиот центар изградена пред повеќе од 20-тина години, која властите одлучиле да ја реновираат и опремат.

– Не може да ги споредуваме тие работи. Јасно стои во физибилити студијата што значи висока комплексност на болница и колку чини квадратен метар, нагласи Филипче.

Ја повика опозицијата да прифати да дискутира за овој проект, додавајќи дека доколку имаат некој сериозен контра аргумент, тој ќе биде прифатен.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера на гостувањето на телевизија „Сител“ рече дека во Србија се гради ист клинички центар кој чини 125 милиони евра, а не пола милијарда евра како што се планира во земјава.