Иако пандемијата ни донесе многу предизвици и ни го промени животот, сепак, сите ќе ја памтиме и по нешто добро.

Очигледно, нашата пејачка Каролина Гочева изминатиов период работела напорно и карантините ги искористила како инспирација за создавање нешто ново. Иако е позната по тоа што приватниот живот го чува далеку од очите на јавноста, сепак, понекогаш знае да нè изненади со по некоја објава на социјалните мрежи.

Токму на својот инстаграм-профил, Гочева со своите бројни пријатели и обожаватели сподели една прекрасна вест.

„Драги мои пријатели, мислам дека веќе можеме да си дозволиме да споделиме и по некоја убава вест. Многу се радувам што конечно можам да Ви го најавам мојот нов албум – проект на кој заедно со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски работевме скоро две години. Албумот го снимивме на почетокот на оваа година, во јануари, додека идејата за истиот се роди уште во 2016та, после нашиот прв заеднички настап, на еден концерт на Дуке“, напиша Каролина во описот на видеото.

Каролина Гочева
Фото: Стефан Рајхл / Фејсбук

„За неколку дена ќе може да го слушнете првиот сингл „Идила”, додека целиот албум ќе биде достапен наесен. Секако дека планираме и нестрпливо го чекаме денот кога со вас ќе се дружиме и во живо, што ќе се случи во прва прилика штом ќе може да се работи онака како што се работеше до пред појавата на пандемијата. Се надевам дека ќе уживате во овој проект толку колку што и ние уживавме во целиот процес на неговото создавање“, напиша Каролина во описот на видеото кое воедно е и мала најава за „Идила”.