Германската министерка за образование Ања Карличек сака да го забрза усвојувањето на планот за вакцинација на деца и адолесценти затоа што смета дека само така може да се отворат училиштата помалку или повеќе нормално по летните одмори, јави Дојче Веле.
Карличек, која доаѓа од партијата ЦДУ, бара во сите провинции да се направи распоред за вакцинација за деца и адолесценти на возраст од 12 години и посочува дека до почетокот на следната учебна година на секој наставник во земјата треба да му се понуди да се вакцинира.
Барањето на германската министерка треба да се разгледа следната недела, на состанокот на федералната и покраинските влади.
Претходно, сојузниот министер за здравство, Јенс Шпан (ЦДУ), побара вакцините на Бионтек да бидат достапни за учениците, со цел училиштата повторно да бидат отворени.
Европската агенција за лекови во моментов работи на забрзано одобрување на вакцината на Бионтек-Фајзер за деца на возраст од 12 до 15 години, а САД веќе почнаа да вакцинираат деца и адолесценти.
Според резултатите од едно истражување, задоволството од животот за време на пандемијата кај децата и адолесцентите се намалило за дури 21 процент.
Повеќе од половина од нив станаа понесреќни во тековната учебна година, соопшти здравственото осигурување „ДАК-Гезундхајт“, кое го нарачало истражувањето. Меѓу таа популација, како што се наведува, има зголемување на емоционалните проблеми.