Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи се огласи по повод објавата на министерот Венко Филипче дека вчера пристигнале нови 10.500 дози на вакцината „Фајзер“. Мицкоски вели дека она што требало да пристигне во јануари или февруари, пристигнало во мај, а тоа што треба да е нормално, за политичари како Заев и Филипче е спектакл.

-Лагата нема граница, а кога доаѓа од политичари лакеи на Зоран Заев можеби сме песимисти, можат тие и полошо. Најавуваа масовна вакцинација во декември 2020 и додека трчаа по провизии започнавме во Мај 2021, убедливо последни во Европа. Според бројот на починатите сме помеѓу првите шест држави во светот. Денес прочитав на медиумите најава дека пристигнале околи 10500 дози Фајзер вакцини. Тоа што требаше да стигне во јануари или февруари стигна во мај, тоа што треба да е нормално за нив е спектакал. Е, па да ви кажам нешто, 5329 македонски граѓани немаа можност да ги пречекаат во мај вакцините поради вашата неспособност и желба за провизии, починаа од корона… порано или подоцна ќе има одговорност, јас ви ветувам, пишува Мицкоски.